Официјално го отвараме нашиот блог и тоа со нешто интересно за италијанската кујна 🇮🇹
Прво на мени - Италијанско ризото, за кое со помош на Шеф Филип Поповски #ГотвимеСоФичо, подготвивме се што треба да знаете за него и негова идеална подготовка.
И не, не правиме грешка кога го викаме Ризото, тоа е правилниот изговор на италијанскиот збор Risotto 🍚🤌
Еве што има да сподели Филип за овој традиционален специјалитет:
"Ризото е класично италијанско јадење кое е елегантно, но не е комплексно. Составено е од ориз со кратко или долго зрно, Италијанците најчесто користат ориз од сортата “Карнароли”, но не е погрешно доколку употребите “Арборио”. Овие два типа на ориз се најпогодни за ова јадење.
Едноставноста на овој рецепт го прави да биде перфектен. Базично секое ризото се готви да биде кремаво, но сепак да има структура. За готвење се користи бистра супа, малку бело вино, кромид, лук, путер и густината се добива со употреба на Пармезан. Готвачите низ годините го преработиле на милион начини, па така денес можеме да сретнеме најразлични рецептури ризото. Убавината на секој рецепт е да се менува според сезоната и состојките. Во принцип ако размислуваме модерно и со отворен ум ќе сфатиме дека рецепти воопшто не постојат. Ние сме креатори на сопствениот рецепт - еден ист рецепт ако го дадете на 5 различни готвачи, ќе добиете 5 различни ризота, секое посебно на свој начин. Оттука може да заклучиме дека секој готвач остава свој печат во секој рецепт. Пасијата, љубовта, посветеноста и праксата го прават секој рецепт различен.
Најважно кај овие класици е да се користат квалитетни состојки. Само така може да добиете врвен финален продукт. Често велам дека не сум магионичар со слаб квалитет на состојки да можам да склопам врвно јадење.
Ова е накратко и општо запознавање со Ризото, во наредните текстови ќе имате можност да прочитате специфики и тајни на италијанската кујна. Сум пробал ризото зготвено од најголемите имиња во италијанската кујна и сум пробал ризото зготвено од наши готвачи, можам да кажам дека разликата е многу мала. Секогаш делам совет да бидете упорни и да експериментирате, без експеримент нема напредок!"
ДОМАТО ПРОИЗВОДИ ЗА ИТАЛИЈАНСКО РИЗОТО
7 Совети за перфектно ризото:
1. Бујон
Од суштинско значење е да се користат свежи и квалитетни состојки, почнувајќи од подготовката на бујонот. Ако сакате беспрекорно ризото, заборавете на готовите коцки и зачини и подгответе домашен бујон. Варете целер, моркови и кромид во вода со сол и бибер само 10 минути, за да ги ослободите сите ароми и да не ја заматите водата. Затоа, запомнете: за одлично ризото ви треба одличен бујон!
2. Тостирање на оризот
Првиот чекор во подготовката на секое ризото е тостирањето, што му овозможува на зрното да ја задржи својата конзистентност и компактност, и ја прави основната разлика меѓу врвно ризото и обичен варен ориз. Тостирање значи пропржување на оризот додека не побели. Некои готвачи дури велат да се направи без зачини, а маслото и кромидот да се додадат само кога оризот е веќе тостиран. Други пак, препорачуваат солење и зачинување на ризотото веќе во оваа фаза, а пак трети ја прават прво запршката па во неа го тостираат оризот. Накратко, по кој пат и да одберете да одите, не ја прескокнувате оваа фаза!
3. Додавање бело вино
Овој чекор е многу едноставен, но во исто време важен: мешањето на оризот значи додавање вино веднаш по фазата на тостирање. Алкохолот ќе го избалансира вкусот на ризотото со неговата киселост, а исто така ќе ги раствори сите масти, што ќе резултира со кремасто ризото. Запомнете: виното мора секогаш да биде ладно!
4. Како се готви ризотото
Овде сме во најважната фаза: готвење на оризот. Времето за готвење на ризото се движи од 15 до 18 минути. Бујонот мора постепено да се прелива во тенџерето, внимавајќи постојано да врие и да го мешате оризот: на овој начин скробот ослободен од зрната полесно ќе се ослободи и ќе имајте уште подобар и покремаст резултат!
Уште еден совет во врска со оваа фаза: ризотото не го гответе во тава, туку во големо тенџере со две рачки.
5. Состојките на ризото
За време на готвењето обично се додаваат и главните состојки на нашето ризото. Не постои општо правило, но обично ако зборуваме за зеленчук што сакаме да го зготвиме или раствориме во ориз, тие мора да се стават веднаш на почетокот на готвењето. Доколку, пак, имаме некоја состојка чија крцкавост и готвење сакаме да ја зачуваме, како месо, риба или друго, ќе ја готвиме посебно, ставајќи ја само на крајот од подготовката.
6. Мешање на ризото
Последната фаза е и најважната. Штом ризотото е спремно, исклучето го огнот. Во овој момент додадете ладен путер и рендан Пармезан или Грана Падано и мешајте додека сите состојки не се впијат во оризот. Многу е важно добро да се избалансираат дозите за да се избегне ризото кое е премногу течно, или напротив, премногу цврсто и компактно. Затоа, сепак чувајте малку бујон за оваа фаза, кој можете да го додадете доколку сакате да му дадете покремаста конзистенција на оризот.
7. Послужување
И окото си го сака својот дел! За одлично ризото, потребно е и одлична презентација. Ослободете ја вашата имагинација користејќи калапи или плитки украсни тањири. Нема правила за овој чекор, само ваш вкус и имагинација!
Buon apettito!