×

Кошничка

Вашата кошничка е празна.




Zaum

И лешникот си има своја приказна, вистинска приказна. Тој е супер-храна. Се вели дека редовното конзумирање лешници може да го продолжи животниот век за 20 проценти. Сепак, она што најмногу фасцинира е неговата улога како храна на умот. И токму оттаму произлезе ЗАУМ.

Приказната ја започнува дедо Спасе. Беше човек кој го пропатувал целиот свет. Но, ехото на татковината го натера повторно да се врати во родниот крај, поточно Драслајца, преубаво село близу Охридското Езеро.

Во малата, но совршено уредена градина на Дедо Спасе имаше различни сорти на дрвја. Но сепак, нему омилени му беа петте лески кои ги негуваше со посебна љубов, а неретко карактеристиките на лешникот знаеше вешто да ги искористи како метафора во своите приказни... Дедо Спасе раскажуваше дека лешникот му дава сила, енергија, но и му го варди Умот, затоа и можел до доцна во ноќта да раскажува приказни, а през ден да работи полн со енергија. За лешниците велел дека ги јаде ЗА-УМ. Така и во семејството остана приказната - ЗАУМ. Приказна која се пренесува од колено на колено и трае повеќе од 150 години.

Денеска на истото место, на 700 метри надморска височина, во чиста еколошка средина, потхранети со енергијата на струшкото сонце се одгледуваат најубавите лешници во Македонија. За нив се грижи правнукот на дедо Спасе. Во секој мал плод на овие лески е спакувано огромно богатство од хранливи состојки, витамини и минерали. Бошко одлучи лешниците да ги сподели со светот исто онака како што пред многу години неговиот прадедо несебично ги споделуваше своите приказни. За таа цел го создаде брендот ЗАУМ. Органските јаткасти плодови кои ги одгледува во Драслајца се главната состојка на секој производ на ЗАУМ.